ЦЕР

Бев вчера во Цер. Ме наведе патот, малку по работа, малку од задоволство. Го споив корисното со убавото, кршнавме од патот и застанавме во Цер.

А таму, на „срецело„ свадба. Ама онаква, свадба, со старински обичаи. Веќе трета година, прераснува во традиција – свадбарските обичаи од Цер.

На времето, свадбите се правеле околу Спасовден. Оттука и Спасовденските Видувања, средби во селото кои ги организира Здружението за негување на културните традиции и потикнување на економскиот развој на село Цер „Годни Демирхисар, село Цер„.

Стасавме токму во моментот кога ја заигруваа „сваќата„. Убаво. Интересно. Момент да се видат народните носии, клашениците, кошулите, да се чуе зурлата, тапанот.

Ми кажаа дека најпрво заиграло машко дете на орото, па го канеле нункото, па имало заигрување на бајракот. Потоа заигрување на капата, на киската….

Невевчето капка. Момчето посрамежливо, ама храбро се држеше.

Сите насмеани, весели, расположени. Широките порти од куќите отворени, домаќинките те повикуваат да каснеш нешто, да не ги заобиколиш. „Касни козуначе, пробај од бакрданов, да не сакаш питулици?„

Побарав вода. Од Бориш. Најади се, напи се вода од Бориш, и одма пак си гладен. Чудна некоја вода.

Прошетавме низ зеленилото. Исплакнавме очи, наполнивме душа. Да неможеш да го тргнеш погледот.

Народот питом, но и љубопитен. Непознати „фаци„ низ село. Одма прашањето: „Чија си?„

А каде е Цер?

Селото Цер се наоѓа во т.н. област “Горен Демир Хисар” или популарно наречена Преку Турла, бидејќи во близина се наоѓа преминот преку малата планина Турла (стариот пат кон Кичево).

Селото се протега во источниот дел на Церското Поле, кое претставува најголемо карстно поле во Македонија (површина 9,5 км2, должина од 7,5 км, широчина 3,7 км). Сместено е на надморска височина од 990 m до 1050 m, во подножјето на планината Баба Сач (1695 m) од север и Лубен (1764 m) од југ.
Низ селото минува Церска Река која низводно од селото понира и се движи во подземјето на Церското Поле. Заедно со неколку околни реки, Церска Река излегува на површина кај селото Железнец и го образува врелото на Црна Река (издашност од 1,5 m3/s).

А еве како еден церанец ги опишува убавини на Цер во нивниот билтен:

Селото Цер е распослано на северната падина на Баба Сач во прекрасната долина на церска река Матица. Од јужната страна до реката се распотила дабова, а до неа букова шума на прекрасниот Крачунец, кој ги дарува студените води на Палазица, Бориш, Стара Чешма, Студена Вода и Породин.

Утробата на Крачунец е прошарана со патеки кои не водат кон Породин, Буков Дол, Дуконива и Затропас (пештера недоволно испитана).

Над Крачунец се издига Љубен, преполн со питоми падини, во кои церани одгледувале најубави компири и јачмен. А ароматичните цветоци и билки овозможувале церани и церанки да здивнат на тревата, од напорната работа. Најгоре, доминантно се издига врвот Кавчел од каде се гледа пошироката околина, дури до Битола. Од другата страна пка, во подножјето на Љубен, се протега Сувополе. Натака кон исток е висорамнината Рамнин се до Балтин, богата со матерка (мајчина душичка), морач, плускавци и јагоди.

А сега поубо е да се врата во Врановрат, да се обѕрна према Бранејнца и низ живописниот кањон преку Бацериводејнци, дабон Личоски и водејнцана Крцоска ќе дојда на Породин и Главје.

А одовде умот да ти кајдиса од лево е Задзадел со манастирот Света Богоројца и од десно се протега величественииот Крачунец. Ко ќе дојш на Преодиште од десно е Изгореноно, од лево Лисичина дупка и Вренцој трла, пред тебе пак се шири Лениште и Селска ливада.

Ама немојш да запреш, ќе се напиеш вода од Кутлечешме, и ќе продолжиш кон дабон од Копачка од каде еден пат те водит према Птериче, од убо поубо, а другиот пат према Краста, Рибарникон од Перија и ела да те вида не напи се вода од срамноно чешме (ми е страм да го кажа вистинското име).

Далдисан, продолжуа нагоре каде ќе те сретнат цели ливади со штркоцвеќе, јаглики, матерка се до шумата на Блен, Краста, Коприндол и пак војца ќе се напија од Милошо Чешме. По целиот пат од Врановрат па нагоре ми се смеат бистрите води на Матица со грациозно нишкање на мренката и помалу тромот движење на ракојте.

Немат чаре, се враќа назад во Петриче, порабено со чуми и смреки, од лево е Крагујо, а од десно Корбојц. Ајде попе биди чојк – велат. Кај да ода сега ако не кон Станко-осојица, Шумколивада, покрај Стрмол и Исламочешме да го вата Леско и Крушка. Е, доста е, натака е синорот Пусторечки и Зашлечки.

Ако имаш ниет да го прошеташ сето ова еден месец ти е малку, ама знај, ако се испрпелаш во матеркине на Љубен, ливадишта и Рамнин, ако се напиеш вода од Бориш, Кутлечешме, Милошо чешме или од стрмноно, готов си не ќе мојш без ним.

Оваа долина маѓепсува, а душата се полни со љубов и Благостостојба.

Advertisement
Published in: on April 17, 2010 at 9:58 pm  Comments (3)  
Tags: , ,

The URI to TrackBack this entry is: http://leonova.wordpress.com/2010/04/17/%d1%86%d0%b5%d1%80/trackback/

RSS feed for comments on this post.

3 CommentsLeave a comment

  1. Убавина! Многу убави слики.. само тоа ѕидот кај прозорецот многу дебел, зар такви ѕидови прават.. :)

  2. Ubavina e ubavi spomeni kade solnceto vecno sto sjaje vo mir i toplina vecno sto ke se znae.
    So igri i pesni zraci topli kaj sto krasi.
    I toa mora da se znae za najubavite denovi deka vo CER se slavi na 16.05 .2010g

  3. Претпоставувам дека годинава Спасовденските видувања се оваа недела?


Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Connecting to %s

Follow

Get every new post delivered to your Inbox.